Еден од најголемите синџири стоковни куќи во САД „Нордстром“ веќе нема да ја продава колекцијата облека дизајнирана од Иванка Трамп поради слабата продажба. „Нордстром“ објави дека веќе нема да ги продава дизајните од ќерката на претседателот Доналд Трамп во своите 347 стоковни куќи во 40 држави во САД и во Канада.
Портпаролот на компанијата на Иванка Трамп изјави дека брендот продолжува да се шири во сите области, што донесе до значаен пораст на приходите во 2016.
Одлуката на „Нордстром“ следи по граѓанската кампања наречена „Фати се за паричникот“, која повика да се бојкотираат стоковните куќи и продавниците што продаваат производи на Иванка Трамп или на Доналд Трамп.
„Нордстром“ во ноември одговори дека се надева оти тоа што ги продава нивните производи „нема да се сфати погрешно дека ние заземаме политичка страна“. Стоковната куќа рече дека разбира оти муштериите избираат според личното убедување.
Модната компанија на Иванка Трамп произведува алишта, чанти, чевли и накит. 35-годишната ќерка на претседателот беше критикувана по едно од првите интервјуа на татко ѝ во кое учествуваа и таа и неговото семејство. Откако се емитуваше интервјуото, таа рекламираше скапа бразлетна која ја носеше во емисијата. Критичарите велат дека ја комерцијализирала нејзината позиција за лична корист.
Иванка е една од најголемите поддржувачи на Трамп и застана дури и зад неговата женомрзечка, расистичка и ксенофобна реторика. Но во октомври, на потрошувачите им скисна, и одговорија со кампањата „Фати се за паричникот“, со намера да го намалат профитот на Иванка со одбивање да се купуваат нејзините производи.
Бојкотот стана еден од поефикасните начини на Американците да се борат против политиките и измамите на новиот претседател Трамп. Пораката до компаниите што го поддржуваат Трамп е следна: ако поддржуваш лажго, ќе те чини пари. Меката сила на општественото засрамување останува моќно оружје.
Засега, иако Трамп остана имун на срам, засрамувањето влијае врз други околу него. Имено, директорот на такси превозната компанија „Убер“ Тревис Каланик си даде оставка од членството во економскиот совет на Трамп, откако изминатава недела имаше масовни критики и онлајн бојкот на неговите возила поради врските со новата власт.
„Членството во советот не значеше прифаќање на претседателот или неговата агенда, но за жал погрешно се толкува токму како такво“, им напиша Каланик на своите вработени.
Со бојкот и откажување нарачки се соочува и автомобилската компанија „Тесла моторс“, зашто основачот и директор Илон Маск е исто така член во економскиот совет на Трамп.