Поради аферата поврзана со обвиненијата за сексално злоставување, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, е разрешен од должноста. Државите-членки на Меѓународниот кривичен суд на гласање во Њујорк со мнозинство се изјаснија за негово разрешување. Државите-членки, од кои 82 гласаа за негово отпуштање, му припишаа „тешко недолично однесување и сериозно прекршување на службените должности“. Аферата, која трае веќе две години, сериозно го оптовари Судот со седиште во Хаг и му наштети на неговиот меѓународен углед. Членки на МКС досега се 125 земји. За разрешување на Кан беа потребни најмалку 63 гласа.
Кан беше обвинет од поранешна соработничка за сексуални напади. Британскиот правник категорично ги отфрла сите обвиненија. Обвиненијата станаа познати уште во 2024 година. Во јуни оваа година Кан беше суспендиран поради сомневањата. Во интервју за телевизијата „Си-Ен-Ен“, жената неодамна повторно ги повтори обвиненијата. Правничката, која беше претставена само со името Сара, ги отфрли сомневањата дека Израел ѝ платил за нејзиното сведочење.
Кан беше главен обвинител од 2021 година и, меѓу другото, поднесе барање за налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради наводни злосторства во војната во Газа. Израелската делегација при ОН веднаш го коментираше неговото разрешување: „Кан веруваше дека светот ќе ги игнорира сериозните обвинувања за сексуално недолично однесување против него ако започне политички лов на вештерки против Израел и издаде политички мотивиран налог за апсење на премиерот Нетанјаху. Се излажа“.
Кан во минатото, пак, изрази сомневање дека Израел стои зад обвиненијата со цел да ги доведе во прашање неговите истраги.
Според Судот, заменик-главните обвинители ќе продолжат да ги извршуваат задачите на обвинителот. Заминувањето на Кан веројатно нема да има последици врз налогот за апсење на израелскиот премиер. Потрагата по наследник на Кан ќе започне веднаш. Сепак, назначувањето се очекува дури следната година.
Комисија на Обединетите нации ги истражуваше обвиненијата против Кан и на крајот на 2025 година му го предаде својот извештај на Судот. Според медиумски извештаи, комисијата сметала дека е докажано оти Кан имал „сексуален контакт без согласност“ со една соработничка „во неговата канцеларија, во неговиот приватен стан и за време на службено патување“.
Сепак, правно мислење изготвено од тројца судии утврдило недостатоци во истрагата на ОН. На пример, не била доволно испитана веродостојноста на сведоците. Поради тоа, правниците сметале дека вината на Кан не е несомнено докажана. Според адвокатите на Кан, панелот заклучил дека „не било докажано никакво недолично однесување или прекршување на должностите“. Но претставниците на 21 држава во Претседателството на Конференцијата на државите членки одлучиле поинаку. Според медиумски извештаи, две третини од нив сметале дека злоупотребите од Кан се докажани. Потоа следела неговата суспензија.
Случајот им користи на критичарите на Судот, пред сѐ на САД. Тие го обвинуваат Судот за пристрасност и поттикнување кампања против Израел. Американската влада воведе санкции против судии и вработени. Тие повеќе не можат да ги користат своите електронски адреси и кредитни картички, не можат да патуваат во САД, а евентуалните банкарски средства во САД им се замрзнати. САД, како и Израел, не се членки на Судот. Во јули американскиот државен секретар Марко Рубио најави дека сака „чекор по чекор да го демонтира“ Судот.
Аферата му наштети и на меѓународниот углед на Судот. Главниот обвинител се смета за морална визит-карта на Меѓународниот кривичен суд, кој ги повикува на одговорност политичките и воените лидери за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.



