МЕЛБУРН ИЗЛЕГУВА ОД НАЈДОЛГИОТ КАРАНТИН НА СВЕТОТ ВО ПАНДЕМИЈАТА НА КОВИД-19

    МЕЛБУРН ИЗЛЕГУВА ОД НАЈДОЛГИОТ КАРАНТИН НА СВЕТОТ ВО ПАНДЕМИЈАТА НА КОВИД-19Мелбурн по шести пат воведе карантин во почетокот на август (Фото: АФП)

    Милиони луѓе во Мелбурн се подготвуваат за крај на најдолгиот карантин на светот во пандемијата на коронавирусот, кој ќе заврши денеска на полноќ по локално време. Иако бројот на заразени и натаму е блиску до рекордното ниво, пабовите, рестораните и кафулињата брзаат да се снабдат со залихи пред повторно да ги отворат своите врати за гости.

    Жителите на вториот најголем град во Австралија не можеа да уживаат во слободата од почетокот на август, кога по шести пат беше воведен карантин со цел да се спречи ширењето на делта сојот. Властите ветија дека рестрикциите делумно ќе бидат укинати кога 70% од лицата над 16 години во сојузната држава Викторија ќе бидат вакцинирани со две дози и премиерот Скот Морисон потврди дека оваа цел е постигната.

    Од полноќ (16 часот по македонско време), угостителските објекти ќе смеат да примат по 20 целосно вакцинирани гости во затворено, односно до 50 на отворено. Маските и натаму се задолжителни.

    До денеска, градот со пет милиони жители помина вкупно 262 дена во карантин, односно девет месеци, со што е надминат рекордот на Буенос Аирес, каде што луѓето мораа да седат дома вкупно 234 дена.

    Иако несуштинските бизниси повторно се отвораат, во Викторија денеска се регистрирани 2.232 нови случаи на зараза, втора најголема дневна бројка во земјата од почетокот на пандемијата. И покрај ширењето на делта сојот, Австралија досега забележа околу 152.000 заразени и 1.590 починати од ковид-19, што се релативно ниски бројки во споредба со повеќето развиени земји.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира