Лидерите на Европска Унија се собрани во Брисел за да одлучат дали Урсула фон дер Лајен ќе остане на чело на Европската комисија, но постојат грижи дека италијанската премиерка Џорџа Мелони би можела да го расипе договорот што беше постигнат минатата недела. Во изминатите денови, таа јавно изразуваше незадоволство што беше исклучена од разговорите.
Шестмина членови на преговарачката група Кирјакос Мицотакис, Доналд Туск, Педро Санчес, Емануел Макрон, Олаф Шолц и Марк Руте, кои се претставници на трите центристички блока во ЕУ, предложија Фон дер Лајен да добие втор мандат во Европската комисија, Антонио Кошта да биде претседател на Европскиот совет, а естонската премиерка Каја Калас да биде еврокомесарка за надворешни прашања.
Мелони, која го предводи десничарскиот блок Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), не учествуваше во разговорите, иако ЕЦР стана третата најголема група во Европскиот парламент по последните европски избори, поминувајќи ја Обнова на Руте.
„Европските гласачи побараа Европската Унија да оди по поинаков пат од досегашниот“, изјави Мелони во италијанскиот парламент вчера.
Претходно, и Виктор Орбан изрази незадоволство од начинот на кој се избираат челниците на ЕУ.
Мелони утрово кажа дека сѐ уште не решила дали ќе ги поддржи предложените кандидати.
„Нашата намера не беше да ја навредиме Мелони. Лично имам голема почит кон неа“, изјави грчкиот премиер Мицотакис.
Тројца европски функционери кажаа дека неколкумина лидери, меѓу кои и Мицотакис, се обиделе да разговараат со Мелони, но таа не одговарала на нивните телефонски повици.