(Специјално од Ротердам: Марина Костова)
Гратчето Колумбус во американската сојузна држава Индијана е царство на модерната архитектура – 7 згради на славните архитекти, меѓу кои и Сааринен, Пеи, Вентури, Пелји, Мејер, изградени од 1942 до 1965 се заштитени како споменици на културата, а уште 60-на го сочинуваат срцето на градската модерна (тоа е истата таа модерна архитектура која македонската, а особено скопската власт изминативе 10-на години така брутално ја мрази и уништува). Тој исклучителен градски пејзаж на згради од модерната е еден од главните ликови во „Колумбус“, дебито на младиот режисер Когонада, корејски Американец, што е во трката за престижниот Златен тигар на филмскиот фестивал во Ротердам, што влегува во својата завршница.
„Колумбус“ е приказна за млада библиотекарка, Кејси, страсно вљубена во модерната архитектура на градот која ѝ дава прибежиште за полесно да го носи товарот на грижата за мајка си, „зависничка од метамфетамин и лоши мажи“ која се лекува. Таа ќе го запознае Џин, синот на славен архитект корејски Американец, кој дошол да го види татка си оти тој тука доживеал срцев удар пред предавањето. Меѓу нив ќе се развие нежно пријателство кое обајцата ќе ги поведе на емотивно патување на соочување со сопствените демони и стравови.
Минималистичките, складни, спокојни згради на модерната се сцената и огледалото на душите на главните ликови, и како ретко кога пејзажот од објекти исклучиво создадени од човекот има таква моќ на утеха.
Меѓу осумте филмови во трката за Златен тигар е и „Квалитетно време“ на холандскиот дебитант Дан Бакер, интелигентна, игрива своевидна комедија на апсурдот, која во различен стил се занимава со душевната состојба на петмина мажи кои се сметаат за лузери. Бакер има особена смисла за хумор, но и особено познавање и емпатија за емотивните превирања на ликовите, па токму тој реализам во суштина го дава тонот на филмот.
Селекцијата за Тигарот што носи и 40.000 евра, годинава е далеку од најдобрите времиња на најголемиот фестивал за авторски, независни филмови, впечатоктот е дека селекторите ги понела сопствената потреба за претенциозно фолирање отколку за силно, солидно уметеничко дело.
Вон конкуренцијата за Тигар, а во конкуренцијата за наградата на публиката во селекцијата Светла иднина што носи и 30.000 евра, се издвојува „Ова е наша земја“, на искусниот белгиски автор Лукас Делво, детално прецизна студија за растот на екстремната десница во Франција, и тоа меѓу обичните луѓе кои вообичаено не ги интересира политика. Насловот на филмот е слоганот на една измислена десна популистичка партија, чија лидерка личи на озлогласената Марин ле Пен од Национаниот фронт на Франција, која многумина ја сметаат за можна идна претседателка на земјата, особено по победата на Доналд Трамп во САД. Делво речиси документарно го истражува и покажува секојдневното радикализирање на луѓето во едно мало место и популистичкото експлоатирање на чувствата на „народот“ против естаблишментот „и на левицата и на десницата која ни ја украде државата“, но и против муслиманите и мигрантите што „ќе ни ја украдаат државата“.
Ротердамскиот фестивал завршува в недела со свеченото доделување на наградите.