Седумдесет и шест години по завршувањето на Втората светска војна, во Германија почнува судењето против бивш стражар во концентрациониот логор Захзенхаузен поради соучесништво во убиствата на 3.518 затвореници. Јозеф С. денес има 100 години и е најстарата личност на која ѝ се судело за нацистичките злосторства.
Дури пред неколку години почна да им се суди на пониско рангираните нацисти. Преседан беше направен со пресудата за бившиот СС стражар Џон Демјањук пред 10 години, што овозможи други обвиненија за помагање и поттикнување на нацистички злосторства. Дотогаш, морало да се докаже директно учество во убиствата.
Јозеф С., кој имал 21 година кога станал стражар во Захзенхаузен, со години живеел во областа Бранденбург, работејќи како бравар. Иако стогодишник, се верува дека ќе биде способен да присуствува на судењето.
„Тој не е обвинет дека пукал во некого, туку за придонес во убиствата. Тој работел како стражар и бил свесен за убивањата во логорот“, кажаа обвинителите.
Сепак, голем број стражари во нацистичките логори нема да се соочат со судење. Само во логорот Штутхоф ги имало 3.000, од кои само 50 биле обвинети.