Полицијата на Њу Делхи побара од градските власти да обезбедат нови локации за кремирање, додека вториот бран на пандемијата пустоши низ Индија и ги преполни болниците, мртовечниците и крематориумите.
Индија денеска регистрираше уште 386.452 случаи на коронавирус, што претставува нов светски рекорд, а само во Њу Делхи починаа повеќе од 390 луѓе, најмногу од почетокот на пандемијата.
„Во градов моментално најмногу се умира од ковид-19, а поради недостиг на простор, луѓето се принудени да ги кремираат своите сакани во крематориуми кои не се опремени за жртвите на ковид-19. Токму затоа, мора да се постават уште крематориуми“, изјави виш офицер од полицијата на Њу Делхи.
Телата се палат и по паркови и паркинзи, а многу крематориуми се соочуваат со недостиг на дрва, бидејќи за една клада се потребни меѓу 300 и 400 килограми.
Во болниците и натаму има недостиг на кислород, лекови и кревети, а за тоа време, владата дозволува да се одржуваат предизборни митинзи и верски фестивали. Експертите сметаат дека единствен начин да се запре кризата е преку карантин и вакцинирање. Индија е најголемиот светски производител на вакцини, но сепак нема доволно залихи и од јануари, само 11,5% од населението има примено една доза. Од утре, сите полнолетни жители ќе може да се вакцинираат.
Првите залихи од ветената американска помош од над 100 милиони долари денеска пристигнаа во Индија, а помош најавија уште 40-ина земји.