Шкотската национална партија (СНП), која застапува шкотска независност, победи на вчерашните избори за регионалниот парламент во Шкотска, по што втор референдум за одвојување од Обединетото кралство станува сè поизвесен. СНП освои 64 места во парламентот, што е за едно место помалку од потребното за мнозинство. Но, Зелените, кои исто така поддржуваат независност на Шкотска, освоија осум места, па партиите кои се за одвојување имаат чисто мнозинство.
Првата министерка Никола Стурџен рече дека нов референдум за шкотска независност е волјата на земјата. Стурџен, која е на чело на СНП, претходно кажа дека ќе работи на втор референдум за одвојување на Шкотска од остатокот на Обединетото кралство кога ќе дојде вистинскиот момент за тоа.
Вчера, таа кажа дека борбата против пандемјата на ковид-19 ќе биде нејзин прв приоритет, но додаде дека граѓаните на Шкотска треба да имаат право да одлучат за уставното прашање.
„Тоа е обврска што ја преземавме кон граѓаните. Тоа е волјата на земјата“, кажа таа.
Стурџен рече и дека секој политичар од Лондон кој стои на патот на нов референдум за шкотска независност не се бори против СНП, туку се бори против демократската желба на шкотскиот народ.
Британскиот премиер Борис Џонсон ја покани Стурџен на самит заедно со лидерите на Велс и Северна Ирска.
„Силно верувам дека во интерес на сите граѓани ширум Обединетото кралство е да работиме заедно“, напиша Џонсон во писмото до Стурџен.
Шкотска одржа референдум за независност во 2014 година, кога 55 отсто гласаа да останат во Обединетото кралство, а 45 отсто беа против. Сега Стурџен тврди дека Брегзит ја смени ситуацијата.