Осомничениот за нападот со камион во Стокхолм требало да биде депортиран и имал екстремистички тендеции, соопшти шведската полиција. 39-годишен Узбекистанец е осомничен дека го возел камионот што влета во продавница во шведската престолнина во петокот.
Денеска, повеќе од 20.000 луѓе се собраа во центарот на Стокхолм на „Љубовен фестивал“ против тероризмот и положија цвеќе пред продавницата „Ахленс“ во чест на жртвите. Градоначалничката на Стокхолм Карин Вангард им порача на насобраните: „Тероризмот не смее да победи… Место тоа, треба да мислиме на љубезноста и отвореноста што го карактеризираат нашиот град“.
Осомничениот аплицирал за постојан престој во 2014 година, но бил одбиен и во декември минатата година добил четири недели да ја напушти државата, кажа шефот на полицијата Јонас Хисинг. Осомничениот потоа исчезнал и полицијата почнала да трага по него, додаде Хисинг.
Во петокот попладне, четири луѓе загинаа во напад во центарот на Стокхолм и 15 други беа повредени откако украден камион влета во група луѓе на пешачка улица пред да удри во продавница.