НАД 200 ИСЧЕЗНАТИ ОТКАКО ГЛЕЧЕР СЕ ОТКИНА ОД ВТОРИОТ НАЈВИСОК ВРВ ВО ИНДИЈА И ПРЕДИЗВИКА ПОПЛАВА

    НАД 200 ИСЧЕЗНАТИ ОТКАКО ГЛЕЧЕР СЕ ОТКИНА ОД ВТОРИОТ НАЈВИСОК ВРВ ВО ИНДИЈА И ПРЕДИЗВИКА ПОПЛАВАНајголем дел од исчезнатите се вработените во две хидроцентрали уништени од поплавата (Фото: Ројтерс)

    Бројот на исчезнати по вчерашните лавина и поплава во индискиот дел на Хималаи се зголеми на 200, а досега се пронајдени 19 тела.

    Несреќата се случи откако дел од глечер се откина од Нанда Деви, вториот највисок врв во Индија, предизвикувајќи порој од вода и карпи низ планинска долина, кој на свој пат уништи една и тешко оштети друга брана, но и домови и мостови. Најголем дел од исчезнатите се вработените во овие две хидроцентрали, изградени длабоко во планините во сојузната држава Утараканд, како дел од плановите за развој на областа.

    „Досега имаме 202 исчезнати луѓе“, изјавија локалните власти.

    Засега е непознато што го предизвикало откинувањето на глечерот. Експертите велат дека минатата недела имало силни снежни врнежи во пределот на Нанда Деви и можно е дел од снегот да почнал да се топи, што довело до лавина.

    Повеќе од 2.000 припадници на војската и други служби учествуваат во спасувањето. Нивните напори најмногу се насочени кон 2,5 километри долг тунел, каде што се верува дека има десетици заробени работници.

    „Многу ретко се случува глечер вака да се откине. Сателитските снимки не покажуваат дека има леднички езера во регионот, но постои можност да има водени џебови, кои се како езера во склоп на глечер“, изјави Мохд Фарук Азам, професор по глациологија и хидрологија на Индискиот технолошки институт.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира