Над 300 луѓе се осудени на доживотен затвор во еден од најголемите судски процеси поврзани со неуспешниот пуч во Турција во 2016 година.
Воени пилоти и офицери беа меѓу речиси 500 лица на кои им се судеше за обидот за соборување на претседателот Реџеп Таип Ердоган, во пучот што наводно бил раководен од воената база Акинчи во близина на Анкара. Ердоган го обвини религиозниот лидер Фетула Ѓулен, кој живее во САД, за водач на пучот, по кој беа уапсени илјадници луѓе.
На обвинителната клупа се најдоа 475 луѓе, од кои на 337 им беше изречена казна доживотен затвор, а 60 беа осудени на најмалку 18 години затвор. Само 70 беа ослободени од сите обвиненија.
Во пучот што се случи во јули 2016 загинаа 251 лице, а над 2.000 беа повредени. Судењето почна во август 2017, а обвиненијата вклучуваа и обиди за убиство на Ердоган и за заземање на клучни државни институции.
Досега имаше неколку судења против учесниците во пучот, при што се изречени над 2.500 казни доживотен затвор.