Најголемиот норвешки весник „Афтенпостен“ oбјави отворено писмо на насловната страна упатено до извршниот директор на Фејсбук Марк Закерберг, во кое οстро се критикува компанијата за одлуката да ја цензурира историска слика од војната во Виетнам, и го повикува Закерберг да остане на висина не неговата улога како „најмоќниот светски уредник“.
Еспен Егил Хансен, главен уредник на „Афтенпостен“, го обвини Закерберг за „злоупотреба на моќта“ врз социјалниот медиум, кој денес има главна улога во дистрибуцијата на вести во светот, и напиша: „Вознемирен сум и разочарен, всушност и уплашен од тоа што вие сакате да направите со темелите на нашето демократско општество. Загрижен сум дека најважниот светски медиум ја ограничува слободата наместо да се обиде истата да ја зголеми, и дека тоа понекогаш го прави на авторитарен начин“, додава Еспен.
Полемиката започна кога Фејсбук одлучи да избрише една објава на норвешкиот писател Том Егеланд, во кој што меѓу другото ја имаше и фотографијата која доби Пулицерова награда, наречена „Теророт на војната“ на Ник Ут, со деца – меѓу кои и 9-годишната Ким Пуц – кои бегаат од напад со напалм за време на Виетнамската војна. Во описот на групата слики вклучувајќи ја и таа со „напалм девојчето“, Егеланд вели:„седум слики кои што ја сменија историјата на војувањeтo“. Како последица, Егеланд беше суспендиран од Фејсбук. Кога „Афтенпостен“ реагирaше за суспензијата, на весникот му пристигна писмо од Фејсбук со барање сликата „ да се избрише или да се пикселизира“. „Секоја слика која покажува голи гениталии, задник или женски гради, ќе биде отстранета,“ се вели во забелешката на Фејсбук.
Пред „Афтенпостен“ да имаше можност да одговори, вели Хансен, Фејсбук ги избриша статијата и сликата од фејсбук страната на весникот. Во отвореното писмо, Хансен тврди дека одлуката на Фејсбук за отстранување на сликата открива страшна неспособност за „разликување помеѓу детска порнографија и познати воени слики“, и истовремено неподготовеност „да се даде простор на добра критика“.
„Јас сум главен уредник на најголемиот весник во Норвешка и вие ми го ограничувате просторот за остварување на мојата одговорност како уредник“, пишува тој. “Мислам дека вие ја злоупотребувате вашата моќ и тешко ми е да верувам дека длабоко сте размислиле за оваа работа.“