НАЈМАЛКУ 12 ЛИЦА ЗАГИНАА, МЕЃУ КОИ И ДЕЦА, КОГА ИЗРАЕЛСКА РАКЕТА ПОГОДИ БЕГАЛСКИ КОНВОЈ ВО ГАЗА

    НАЈМАЛКУ 12 ЛИЦА ЗАГИНАА, МЕЃУ КОИ И ДЕЦА, КОГА ИЗРАЕЛСКА РАКЕТА ПОГОДИ БЕГАЛСКИ КОНВОЈ ВО ГАЗАПогоден е конвој возила со кој се евакуираат жители на градот Газа, кои бегаат кон југ на Појасот Газа по вчерашниот 24-часовен рок од Израел да ја напуштат територијата. (Фото: Би-Би-Си)

    Најмалку 12 луѓе, меѓу кои и мали деца, се убиени откако со ракета беше погоден конвој возила со кој се евакуираат жители на градот Газа, кои бегаат кон југ на Појасот Газа по вчерашниот 24-часовен рок од Израел да ја напуштат територијата. Анализата на снимките од местото на нападот покажува дека меѓу загинатите има и деца од две до пет години. Палестинското Министерство за здравство го обвини Израел за нападот, а Израелските вооружени сили рекоа дека повеле истрага за случајот.

    Рокот за евакуација на Палестинците од северот на Газа измина, а Израел го продолжи за неколку часа. Над милион жители треба да заминат низ два безбедни коридора, пред очекуваната копнена офанзива на Израел против милитантната група Хамас, која управува со Појасот Газа.

    Палестинците кои се под опсада во Појасот Газа, територија во должина од 40 км и жирина од 10 км, живеат без струја и недостига храна, вода и лекови поради жестоките израелски бомбардирања во кои се срамнети големи делови од населбите. Обединетите нации и другите организации предупредија на катастрофа ако толку многу луѓе бидат принудени да побегнат и рекоа дека опсадата треба да се укине за да се пушти помош.

    Над 2.200 Палестинци, главно жени и деца, загинаа во израелското бомбардирање на Појасот Газа, а 8.700 се повредени. Над 1.300 Израелци, цивили и војници, загинаа во нападот на Хамас врз Израел минатата сабота.

    Британско-палестинскиот лекар д-р Гасан Абу Ситах, кој се наоѓа во најголемата болница на палестинската територија во градот Газа, на Икс објави дека претстои катастрофа во јавното здравство во болницата Шифа.

    „Десетици илјади внатрешно раселени луѓе бараат засолниште по терените, ходниците, во одделенијата. Насекаде. Стотици пациенти со рани на кои им е потребна операција не можат да влезат во операционата сала. Огромен застој“, објави тој на Икс. Во гласовните пораки, тој им рече на колегите во Британија: „Веќе не можеме да правиме ништо освен операциите кои итно спасуваат животи. Не само што се исцрпени залихите, туку и персоналот е исцрпен. Многу од нив или се убиени или им биле убиени членови на семејството, или се обидуваат да ги обезбедат своите семејства“.
    Лекарот помогнал да се евакуира болницата Ал-Авда во Џабалија во северниот дел на Газа и вели дека израелските наредби за евакуација биле дадени и на други медицински центри, меѓу кои и педијатриската болница Мухамед Ал-Дура, која имала единица за неонатална интензивна нега.

    Денеска загина и видеоновинар на Ројтерс, кој беше погоден во судирите меѓу израелската војска и милитантите на Хезболах близу границата меѓу Израел и Либан. Тој е првата цивилна жртва во Либан откако почна војната меѓу Израел и хамас, а повредени се и шест новинари на Ројтерс, Ал Џезира и АФП. Во Тел Авив, изралески војници запреле новинарска екипа на Би-Би-Си и ја држеле на нишан.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира