Најмалку девет лица загинаа, а 28 се повредени во утринските напади со руски балистички ракети врз украинската престолнина Киев, соопштија локалните власти и Државната служба за вонредни состојби.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека главниот град бил мета на жесток балистички напад, додека светските агенции известуваат за повеќе од десет силни експлозии. Повеќе делови од градот се соочија со пожари и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Во населбата Шевченкивски делумно е уништена станбена зграда, при што повеќе луѓе останаа заложени во урнатините. Според информациите од службите за спасување, во реонот Дарницки животот го изгубија најмалку седум лица, а 14 се повредени, меѓу кои и две деца. Дополнително, во населбата Соломјански загинаа уште две лица откако беше делумно урната петкатна станбена зграда.
Нападот следува по средбата на украинскиот претседател Володимир Зеленски со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, каде што беше побарана лиценца за производство на американски системи за противвоздушна одбрана Патриот во Украина. Трамп изјави дека преговорите се во тек, но укажа дека САД мора внимателно да пристапат кон одлуката за пренос на технологијата за производство на напредно оружје.
Зачестените балистички напади дополнително ги исцрпуваат украинските залихи од ракети за системите Патриот, кои во моментов се единствената одбранбена линија против овој тип проектили.



