Повеќе експлозии се слушнаа низ земјите од Персискиот Залив, а најмалку три лица загинаа во Обединетите Арапски Емирати (ОАР), додека Иран извршува напади како одмазда за нападите на САД и Израел во кои вчера беа убиени нивниот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, и други високи функционери. Експлозиите се слушнаа втор ден по ред денеска во Дубаи, ОАЕ; главниот град на Бахреин, Манама; и главниот град на Катар, Доха, зголемувајќи ги стравувањата од поширок конфликт во регионот кој долго време се сметаше за рај на мирот и безбедноста во инаку турбулентниот Блиски Исток.
По нападот врз Иран, иранските одмазднички напади се насочени кон аеродроми, воени инсталации, пристаништа и хотели низ целиот Персиски Залив. Тие значат невидена ескалација за Дубаи, чиј модерен идентитет е изграден врз изолација од конфликтите во регионот. Меѓународниот аеродром во Дубаи претрпе штета, а еден док во градското пристаниште Џебел Али се запали откако парчиња од пресретната ракета паднаа и предизвикаа пожар.
Нападите, исто така, ги погодија станбените области околу Дубаи Марина и Палм Џумеира, при што хотелот „Фермонт палм“ беше запален, а оштетена е „Бурџ ал Араб“. „Фермонт“ неодамна беше продаден за 325 милиони долари во договор што се смета за показател за зголемената побарувачка за хотели во Заливот, со што штетата е еден од поочигледните симболи на последиците врз туристичката економија во регионот.
А нарушувањето се случува за време на Рамазан, кога корпоративните ифтари и сухури – заедничките оброци што го прекинуваат и го започнуваат дневниот пост – се меѓу најважните настани за вмрежување во регионот.
Од скромни почетоци како мало рибарско село, емиратот Дубаи користеше скромни приходи од нафта за изградба на пристаништа, аеродроми и трговски центри пред во 1990-тите да се насочи кон луксузен туризам, недвижности и финансиски услуги.



