Три тела се пронајдени во домот на 24-годишниот Полјак кој вчера уби шест луѓе на централниот плоштад во Краков. Мотивот на нападот засега не е познат, но властите веруваат дека тој бил инспириран од крајнодесничарски идеологии.
Меѓу убиените се тројца полски државјани и еден британски, а уште две жртви не се идентификувани. Ранети се 16 луѓе, вклучувајќи двајца полицајци и државјани на Австрија, Германија, Португалија, Русија и Велика Британија.
Уште три тела беа пронајдени кога полицијата за борба против тероризам го претресла домот на осомничениот околу 200 километри северно од Краков.
„Постојат силни индикации дека тие се членови на неговото најблиско семејство“, рече полскиот премиер Доналд Туск.
Полската полиција потврди дека станува збор за родителите и сестрата на убиецот, кого медиумите го идентификуваа како Михал О. Тој бил застрелан од полицијата и уапсен и останува во болница по операцијата. Неговата состојба се опишува како стабила, но многу критична.
Полицијата соопшти дека околу 15 часот почнала да добива пријави дека напаѓач отворил оган од автомобил, пукајќи кон минувачи на централниот плоштад во вториот по големина град во Полска. На снимките се гледа како возилото на напаѓачот брзо се движи низ центарот на градот, а луѓето бегаат, додека се слуша звук на огнено оружје. Полицијата кажа дека пукањето траело околу три минути, при што се искршени излози на продавници и бил погоден трамвај во минување.
Напаѓачот носел воена тактичка опрема и воено оружје, но владата соопшти дека тој не бил припадник на полските вооружени сили. Повеќе оружје и муниција биле пронајдени во неговиот автомобил.
„Сè укажува дека тој бил фасциниран од крајнодесничарските идеологии и дека имал ултранационалистички ставови“, изјави полскиот министер за внатрешни работи Марчин Кјервински.
Портпаролот на полицијата Анджеј Фијолек изјави дека напаѓачот користел пушка „АР-15“ и дека имал дозвола за поседување оружје.
Кјервински го пофали херојството на полицајците кои го уапсија убиецот. Еден од ранетите полицајци е во животна опасност.
Претседателот на Полска, Карол Навроцки, прогласи дводневна национална жалост на 8 и 9 ноември.



