Џо Бајден се соочува со притисок од некои донатори на Демократската партија, кои бараат негово повлекување од претседателската кампања по лошата дебата со Доналд Трамп. Абигејл Дизни, наследничка на богатството на семејството Дизни и голема донаторка на партијата, кажа дека ќе запре со донациите ако Бајден не се повлече од трката.
„Тоа е реалност, не е непочитување. Ако Бајден не се повлече, Демократите ќе изгубат. Сигурна сум во тоа. Последиците на поразот ќе бидат многу сериозни. Бајден е добар човек и добро ѝ служеше на земјата, но влогот е преголем“, изјави Дизни.
Таа ја предложи потпретседателката Камала Харис како алтернативна кандидатка која би можела да го победи Трамп.
Покрај Дизни, запирање на донации најавија е холивудскиот продуцент Дејмон Линделоф, холивудскиот менаџер Ари Емануел и филантропот и бизнисмен Гидеон Стајн, кој планирал да даде 3,5 милиони долари.
Осумдесет и едногодишниот Бајден доби голема поддршка од своето семејство да остане во кампањата и самиот кажа дека нема намера да се повлече, иако призна дека ја зафркнал дебатата. Тој вечерва ќе даде ретко ТВ-интервју во ударен термин, а утре ќе се појави на митинг во Висконсин.
„Не одам јас никаде“, порача Бајден.