Пакистански суд денеска им нареди на властите посебно да ги попишат членовите на заедницата Калаши, кои се сметаат за наследници на војската на Александар Македонски, за време на пописот кој е во тек ширум земјата. Калаши, заедница од 4.000 членови која живее во планинските предели близу границата со Авганистан, одржува посебна религиозна и културна традиција, различна од локалните муслимани.
Пакистан, шестата најбројна земја во светот, одржува попис за првпат по речиси две децении, откако пописот што требаше да се одржи во 2008 година беше одложен поради насилство.
Во обрасците за пополнување за индивидуи и семејства се наведени само три религии – ислам, хиндуизам и христијанство, а изоставени се помалите религии како Калаши, вели активистот Лук Рехмат. Тој и други активисти од заедницата поднесоа петиција до провинцискиот суд во северозападните региони со барање следбениците на нивната вера да бидат преброени посебно.
„Судот реши во наша корист и ние сме среќни“, објави Рехмат на својот блог.
Калашите се сметаат за наследници на војниците на Александар Македонски кои останаа во областа, додека македонската армија продолжила да маршира во индискиот субконтинент за познатата битка со кралот Пор, во која учествуваа и слонови.