Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е загрижен за политичките последици од продолжениот конфликт со Иран и дека иранските лидери погрешно пресметале ако мислеле дека ноемвриските меѓуизбори во САД ќе го принудат на договор.
„Мислеа дека ќе ме надмудрат. Знаете, ‘Ќе чекаме, тој има избори’. Не ми е гајле за меѓуизборите“, кажа Трамп.
Тој првично кажа дека војната со Иран ќе трае четири до шест недели, но таа сега се ближи кон четвртиот месец. Иако борбите се запрени, двете страни се и натаму далеку од договор за целосен крај на војната. На моменти, Трамп кажуваше дека војната брзо ќе заврши, а потоа се закануваше со нови напади и изјавуваше дека не му се брза со постигнување договор.
Неговото отфрлање на притисокот врз меѓуизборите би можело да ја зголеми загриженоста помеѓу републиканските сојузници, кои веќе беа незадоволни, со оглед на тоа што тој во претходните изјави го намалуваше економското влијание на војната врз Американците.
Растечкото незадоволство на гласачите поради високите цени, особено на бензинот, го зголеми политичкиот притисок врз Републиканската партија, за која се очекува дека ќе се бори да ја задржи контролата врз Претставничкиот дом и можеби врз Сенатот.



