Доналд Трамп ги минимизираше ризиците поврзани со вештачката интелигенција (ВИ) по сериозните предупредувања од експерти во изминатите денови.
„Има многу крајно негативни сили кои го покренуваат ова прашање, а не би требало и зборуваат за работи што нема да се случат“, изјави Трамп за време на посетата на Ирска.
Едно од предупредувањата дојде од поранешниот истражувач во компанијата „Антропик“, Џејкоб Коксон, кој изјави дека „постои голема веројатност дека сите ќе умреме во блиска иднина доколку продолжи сегашното темпо на развој на ВИ“. Во саботата, водечките луѓе во индустријата повикаа на забавување на процесот.
„Ние сме пред Кина во областа на вештачката интелигенција и, искрено, сакам така и да остане, бидејќи оној што ќе победи во трката за вештачка интелигенција, тој победува“, кажа Трамп.
Тој се огласи истиот ден кога Коксон изјави дека експертите кои ги развиваат системите за ВИ во „Антропик“ биле навистина исплашени за иднината на човештвото. Коксон предложи успорување на развојот, но додаде дека тоа треба да се направи во координација со Кина.
Илон Маск, сопственикот на „ЕксАИ“ и Сем Алтман од „ОпенАИ“ викендов го поддржаа предупредувањето на директорот на „Антропик“, Дарио Амодеи, дека темпото на развој треба да се забави „зашто нешто сериозно би можело да тргне наопаку“.
„Секое забавување би морало да биде ограничено, за да не се дозволи Кина да стекне предност“, рече Амодеи.
Веќе имаше сериозни инциденти со ВИ. Во август, „ОпенАИ“ соопшти дека некои од нејзините најнапредни модели на ВИ самостојно хакирале друга компанија.
Администрацијата на Трамп смета дека САД мора да ја задржат глобалната технолошка доминација од причини поврзани со националната безбедност, иако признава дека е неопходна внимателност во однос на ризиците што ги носат новите технологии.



