Швајцарската полиција уапси неколкумина луѓе откако едно лице почина во таканаречената капсула за самоубиство, прв таков случај во земјата. Властите на регионот Шафхаузен кажаа дека тие се уапсени за поттикнување и помагање на самоубиство во капсулата „сарко“, која наликува на ковчег.
Иако асистирани умирања се законски дозволени во Швајцарија во некои околности, ваквите капсули наидоа на отпор во земјата. Компанијата која стои зад „сарко“ вели дека со неа може да управува самото лице кое сака да стави крај на својот живот, без лекарски надзор.
Полицијата кажа дека капсулата била пронајдена покрај шумска колиба во ретко населен дел на Швајцарија близу границата со Германија. Додаде дека за самоубиството со помош на уредот добиле дојава од адвокатска фирма. Идентитетот на починатиот не е објавен.