САД нема да воведат нови ограничувања на употребата на американското оружје во Украина ако Северна Кореја се вклучи во војната, предупреди Пентагон, откако НАТО кажа дека севернокорејски војници веќе се наоѓаат во пограничниот руски регион Курск. Пентагон проценува дека Северна Кореја испратила 10.000 војници во источна Русија за да се обучуваат за војната во Украина.
„Продлабочувањето на воената соработка на Русија и Северна Кореја е закана и за индо-пацифичката и за евро-атлантската безбедност“, кажа шефот на НАТО, Марк Руте.
Американскиот претседател Џо Бајден го опиша развојот на настаните како многу опасен.
„Дел од овие војници веќе се распоредени поблиску до Украина и веруваме дека Русија планира да ги искористи за борба или за поддршка на борбените операции против украинските сили во рускиот регион Курск“, кажа портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.
Владимир Путин минатата недела не негираше дека севернокорејски војници пристигнале во Русија, додавајќи дека Москва самата решава како ќе го спроведува договорот за партнерство со Пјонгјанг. Тој викендов кажа дека Русија ќе одговори соодветно ако САД и сојузниците ѝ помогнат на Украина да напаѓа подлабоко во Русија.
Руте кажа дека распоредувањето на севернокорејските војници е знак на се поголемиот очај на Путин.
„Над 600.000 руски војници загинале или се ранети во војната во Украина и тој не е во можност да ги одржува нападите без странска помош“, изјави Руте.