Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го предупреди Иран дека ништо на Блиски Исток не е надвор од дофатот на Израел, три дена откако во Бејрут беше убиен лидерот на Хезболах, Хасан Насралах. Тој објави триминутно видео во кое кажа дека му се обраќа на иранскиот народ.
„Ништо на Блиски Исток не е надвор од дофатот на Израел. Секаде каде што е потребно ќе ги браниме нашиот народ и нашата земја. Кога Иран ќе биде ослободен од режимот, тогаш сѐ ќе биде поинаку и двата народа ќе живеат во мир. Иран ќе процути како никогаш досега. Народот на Иран треба да знае дека Израел е со него“, рече Нетанјаху.
Убиството на Насралах е еден од најтешките удари за Хезболах и Иран во изминатите децении зашто тој беше најмоќниот лидер во иранската „оска на отпорот“ против израелските и американските интереси на Блиски Исток.
Израел навести можност за копнена офанзива во Либан по две недели интензивни воздушни напади, за што заменик-шефот на Хезболах кажа дека се подготвени.
„Израел би направил сѐ што е потребно за да го обезбеди враќањето на луѓето кои избегаа од ракетите на Хезболах во речиси една година прекугранично војување. Ќе ги употребиме сите средства, од воздух, копно и од море“, изјави министерот за одбрана Јоав Галант.