Продолжија протестите против планот на претседателот Емануел Макрон да ја зголеми старосната граница за пензионирање во Франција од 62 на 64 години без гласање во парламентот, додека несобраното ѓубре остана да мириса на улиците на Париз и пошироко, среде штрајкот на комуналните работници. Париската полиција синоќа, трета ноќ по ред, се судри со демонстрантите, а зголемените немири и штрајкови се најтешкиот предизвик за авторитет на претседателот Макрон по таканаречените протести на „Жолтите елеци“ пред четири години. Тогашните демонстрации го принудија Макрон делумно да ја промени одлуката за данокот на јаглеродни емисии.
„Макрон, оставка! и „Макрон ќе се распадне, ние ќе победиме“, скандираа демонстрантите на Плоштадот Италија во јужен Париз. Полицијата употреби солзавец и се судри со некои од толпата, а беа запалени и корпи за отпадоци. Општинските власти синоќа забранија собири на централниот париски Плоштад Конкорд и блиската авенија Шанзелизе, по демонстрациите кои резултираа со 61 апсење претходните две ноќи.
Главно ненасилни протести и вчера и синоќа се одржаа во различни француски градови, меѓу кои и Нант и Марсеј, каде што демонстрантите го пробија полицискиот кордон и ја окупираа главната железничка станица околу 15 минути. Во источниот град Безансон, стотици демонстранти запалија мангал и палеа гласачки картички. Во Париз во петокот на Конкорд демонстрантите фрлија кукла со ликот на Макрон во огнот додека толпата скандираше.
Демонстрантите се обидуваат да извршат притисок врз пратениците да ја урнат владата на Макрон и да го осудат непопуларното зголемување на старосната граница за пензионирање што тој се обидува да го наметне без гласање во Националното собрание. Откако премиерката Елизабет Борн се повика на специјално уставно овластување за да го прекине гласањето во хаотичниот Долен дом, во петокот пратениците од десната и левата страна поднесоа барања за гласање недоверба на нејзиниот Кабинет. За предлозите се очекува да се гласа утре.
За утре се планирани повеќе работнички штрајкови во многу сектори, од транспорт до енергетика. Управата за цивилно воздухопловство побара да се откажат 30% од летовите на Орли, вториот аеродром во Париз и 20% во Марсеј. Конфедерацијата на синдикатите ЦГТ предупреди дека од утре може да бидат затворени најмалку две рафинерии за нафта. Министерот за индустрија Роланд Лескур рече дека владата може да реквирира персонал – да нареди работниците да се вратат на нивните работни места – за да се избегне недостиг на гориво.