НОРМАЛНИОТ ЖИВОТ ЌЕ СЕ ВРАТИ СЛЕДНАТА ЗИМА, ВЕЛИ НАУЧНИКОТ ШТО ЈА СОЗДАДЕ ВАКЦИНАТА ЗА КОВИД-19

    НОРМАЛНИОТ ЖИВОТ ЌЕ СЕ ВРАТИ СЛЕДНАТА ЗИМА, ВЕЛИ НАУЧНИКОТ ШТО ЈА СОЗДАДЕ ВАКЦИНАТА ЗА КОВИД-19Проф. Угур Сахин е убеден оти вакцината ќе го намали пренесувањето на вирусот меѓу луѓето и дека ќе го запре развивањето симптоми кај оној што ја примил. (Фото: ДПА)

    Влијанието на новата вакцина за ковид-19 значително ќе се почувстува во текот на летото и животот треба да се врати во нормала до следната зима, рече еден од научниците што ја создаде вакцината, проф. Угур Сахин. Сахин, коосновач на БиоНТек, рече дека оваа зима сепак ќе биде тешка бидејќи вакцината нема да има големо влијание врз бројот на инфекции.

    Минатата недела од БиоНТек, што ја развива вакцината заедно со „Фајзер“, изјавија дека прелиминарната анализа покажа оти нивната вакцина може да спречи повеќе од 90% од луѓето да добијат ковид-19. Вакцината е тестирана на околу 43.000 луѓе.

    Во интервју за „Би-Би-Си“, професорот Сахин изјави дека е убеден оти вакцината ќе го намали пренесувањето на вирусот меѓу луѓето и дека ќе го запре развивањето симптоми кај оној што ја примил. Можно е, рече тој, вакцината да го преполови пренесувањето на вирусот, што ќе има големо влијание.

    „Јас сум многу уверен дека преносот помеѓу луѓето ќе се намали со толку високо ефективна вакцина – можеби не 90%, но можеби 50% – но не треба да заборавиме дека дури и тоа може да резултира со драматично намалување на ширењето на пандемијата“, рече Сахин.

    Ако сè продолжи да оди како што треба, рече тој, вакцината ќе започне да се доставува на „крајот на оваа, почетокот на следната година“. Целта е да се испорачаат повеќе од 300 милиони дози ширум светот до следниот април, рече тој, но тоа може да овозможи само почетно влијание.

    Тој рече дека поголемо влијание ќе се случи подоцна, и додаде: „Летото ќе ни помогне затоа што стапката на инфекција ќе се намали во текот на летото, а она што е апсолутно суштинско е да добиеме висока стапка на вакцинација до или пред есен/зима следната година“.

    Проф. Сахин рече дека е од суштинско значење сите програми за имунизација да бидат завршени пред следната есен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира