Русија претрпела „катастрофален неуспех“ при тестирањето на новата ракета „сармат“, клучното оружје во модернизацијата на нејзиниот нуклеарен арсенал, велат експертите за оружје кои ги анализирале сателитските снимки од локацијата за лансирање.
Снимките направени од компанијата „Максар“ на 21 септември покажуваат кратер широк 60 метри на полигонот за тестирање на космодромот „Плесецк“ во северна Русија. Овие оштетувања не биле видливи на фотографиите снимени во почетокот на овој месец.
Интерконтиненталната балистичка ракета „РС-28 сармат“ е дизајнирана да носи нуклеарни боеви глави и со неа би можеле да се напаѓаат цели оддалечени илјадници километри во САД и Европа. Сепак, нејзиниот развој беше успорен од одложувања и проблеми при тестирањето.
„Според сите назнаки, ова бил неуспешен тест. Тоа е голема дупка во земјата. Очигледно имало сериозен инцидент со проектилот“, изјави Павел Подвиг, аналитичар од Женева.
Тимоти Рајт, соработник на Меѓународниот институт за стратешки истражувања, вели дека уништувањето на областа кај ракетниот силос укажува на тоа дека имало неуспех веднаш по палењето. Тој додава дека ова не значи дека целата програма „Сармат“ е загрозена.
Долга 35 метри, ракетата што западот ја вика „сатана 2“ има дострел од 18.000 километри. Руските медиуми тврдат дека може да носи 16 нуклеарни боеви глави кои гаѓаат независно една од друга. Во октомври 2023 Владимир Путин изјави дека работата на ракетата е речиси завршена, откако претходно се најавуваше дека ќе биде спремна до 2018.