НОВИ МОНСУНСКИ ДОЖДОВИ СЕ ЗАКАНУВААТ ЦЕЛОСНО ДА ГИ ПОПЛАВАТ ПЕШТЕРИТЕ ВО КОИ СЕ ЗАГЛАВЕНИ ТАЈЛАНДСКИТЕ ДЕЦА

    НОВИ МОНСУНСКИ ДОЖДОВИ СЕ ЗАКАНУВААТ ЦЕЛОСНО ДА ГИ ПОПЛАВАТ ПЕШТЕРИТЕ ВО КОИ СЕ ЗАГЛАВЕНИ ТАЈЛАНДСКИТЕ ДЕЦАСпасувачките екипи досега беа во трка со времето, а сега се во трка со водата (Фото: Ројтерс)

    Спасувачите во Тајланд се во трка со времето да ги извлечат 12-темина момчиња и нивниот фудбалски тренер од поплавените пештери, бидејќи во наредните денови се очекуваат нови обилни врнежи.

    Тоа би можело да го крене нивото на водата во пештерите и да го потопи малиот гребен на којшто тие најдоа засолниште. Момчињата на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер исчезнаа во пештерите на 23 јуни и беа лоцирани по девет дена потрага.

    Се верува дека тие останале блокирани по ненадеен пороен дожд и беа пронајдени од нуркачи на четири километри од влезот во пештерите.

    По неколку дена без дожд, за наредните денови се најавува влошување на временските услови, па спасувачите се принудени да ги забрзаат своите планови.

    „Бевме во трка со времето пред да ги најдеме, сега сме во трка со водата“, кажа регионалниот гувернер Наронгсак Осотханакорн, додавајќи дека децата се здрави и добро расположени.

    Повеќето од децата не знаат да пливат, а доколку мора итно да излезат, ќе мора да научат и основи на нуркањето, што дополнително ја усложнува целата операција. Целото патешествие од влезот на пештерата до децата и назад моментално трае околу 11 часови, при што за враќањето се потребни пет часа.

    Спасувачките екипи работат во екстремни услови, бидејќи температурите се над 30 Целзиусови степени, додека поголемиот дел од пештерите е прекриен со кал.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира