ОБИДИТЕ БЕЗ РУСИЈА ДА СЕ ГАРАНТИРА БЕЗБЕДНОСТА НА УКРАИНА СЕ ПАТ КОЈ НЕ ВОДИ НИКАДЕ, РЕЧЕ ЛАВРОВ

    ОБИДИТЕ БЕЗ РУСИЈА ДА СЕ ГАРАНТИРА БЕЗБЕДНОСТА НА УКРАИНА СЕ ПАТ КОЈ НЕ ВОДИ НИКАДЕ, РЕЧЕ ЛАВРОВЛавров особено ја критикуваше улогата на европските лидери кои на 18 авгст се сретнаа со американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа за да разговараат за безбедносните гаранции за Украина што би можеле да помогнат во завршувањето на војната. (Фото: АП)

    Русија денеска изјави дека обидите за решавање на безбедносните прашања поврзани со Украина без учество на Москва се „пат што не води никаде“, што е предупредување до Западот додека се бори да изработи гаранции за идната заштита на Киев. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров особено ја критикуваше улогата на европските лидери кои на 18 авгст се сретнаа со американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа за да разговараат за безбедносните гаранции за Украина што би можеле да помогнат во завршувањето на војната што трае три и пол години.

    Лавров рече дека Русија е за „вистински сигурни“ гаранции за Украина и посочи дека тие би можеле да бидат моделирани според нацрт-договор што беше дискутиран меѓу завојуваните страни во Истанбул во 2022, во првите недели од војната. Во тоа време, Киев го отфрли тој предлог врз основа на тоа дека Москва би имала ефективно право на вето врз каков било воен одговор за да ѝ се помогне на Украина.

    „Не можеме да се согласиме со фактот дека сега се предлага да се решат прашањата за безбедноста, колективната безбедност, без Руската Федерација. Ова нема да функционира“, изјави Лавров на заедничката прес-конференција по средбата со министерот за надворешни работи на Јордан.

    „Сигурен сум дека на Запад, а пред сè во САД, совршено добро разбираат дека сериозното дискутирање за безбедносните прашања без Руската Федерација е утопија, тоа е пат што не води никаде“.

    Коментарите на Лавров го истакнаа барањето на Москва западните влади директно со Русија да се вклучат за прашања од областа на безбедноста во врска со Украина и Европа, нешто што, според нив, досега одбивале да го сторат.Москва оваа недела, исто така, го повтори своето категорично отфрлање на „сите сценарија што вклучуваат распоредување трупи на НАТО во Украина“.

    Лавров ги обвини европските лидери кои се сретнаа со Трамп и Зеленски дека извршиле „прилично агресивна ескалација на ситуацијата, прилично несмасни и, генерално, неетички обиди за промена на ставот на администрацијата на Трамп и претседателот на САД лично… Не слушнавме никакви конструктивни идеи од Европејците таму“.

    Трамп во понеделник изјави дека САД ќе помогнат во гарантирањето на безбедноста на Украина во секој договор за ставање крај на војната на Русија таму. Потоа рече дека ја исклучил можноста за испраќање американски трупи на терен во Украина, но дека САД би можеле да обезбедат воздушна поддршка како дел од договорот за ставање крај на непријателствата.

    Лавров рече дека предлозите дискутирани меѓу Русија и Украина во Истанбул во 2022 година се „многу добар пример“ за можен безбедносен план, истакнувајќи дека тие исто така би барале од Украина да стане неутрална држава и да се откаже од својата амбиција да се приклучи на НАТО.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира