Обвинителите во Италија бараат шестгодишна затворска казна за вицепремиерот Матео Салвини поради одлуката во август 2019 година да се спречи закотвување на брод со мигранти. Бродот, управуван од хуманитарната организација „Опен армс“, бил задржан на море речиси три недели пред да му биде дозволено да се закотви на островот Лампедуза по судска наредба.
Салвини, кој тогаш беше министер за внатрешни работи, ги негира обвиненијата за киднапирање и неизвршување на должноста. Вчера, тој рече дека сакал да спречи Италија да стане „бегалски камп за цела Европа“ и се прогласи за „виновен за одбрана на Италија и Италијанците“.
Бродот „Опенс армс“ превезувал 147 мигранти кои биле собрани во близина на либискиот брег кога бил спречен да се закотви во Лампедуза. Островот, кој се наоѓа на половина пат преку Медитеранот кон италијанското копно, во последните години беше место за доаѓање на илјадници мигранти кои се обидуваат да влезат во Европа.
Како министер за внатрешни работи, Салвини спроведе политика на „затворени пристаништа“ за која тврдеше дека ќе ги отстрани стимулациите за шверцерите на луѓе.
Членовите на екипажот сведочеа за време на судењето дека благосостојбата и санитарните услови на мигрантите на бродот се влошиле додека бил оставен на море – што резултирало, меѓу другото, и со појава на шуга.
Обвинителот Гери Ферара пред судот во Сицилија изјави дека постои „еден клучен принцип што не е дискутабилен“.
„Помеѓу човековите права и заштитата на државниот суверенитет, човековите права се тие што мора да преовладуваат во нашиот, за среќа, демократски систем“, рече тој.