Грција ќе го забрани пристапот до социјалните медиуми за деца под 15 години од 1 јануари 2027 година, изјави денеска премиерот Киријакос Мицотакис, наведувајќи ја зголемената анксиозност, проблемите со спиењето и зависноста предизвикана од дизајнот на онлајн платформите. Во видеопорака упатена до младите, Мицотакис рече дека децата што поминуваат долги часови пред екраните не им дозволуваат на своите умови да се одморат и се соочуваат со растечки притисок од постојаните споредби и коментарите на интернет.
Грчкиот премиер рече дека разговарал со многу родители кои пријавиле дека нивните деца не спијат добро, лесно стануваат вознемирени и поминуваат долги часови на своите телефони. Анкетата на јавното мислење од АЛКО објавена во февруари, покажа дека околу 80% од анкетираните ја одобруваат забраната. Грчката влада веќе ги забрани мобилните телефони во училиштата и постави платформи за родителска контрола за да го ограничи времето поминато пред екраните на тинејџерите.
„Грција ќе биде меѓу првите земји што ќе преземат таква иницијатива“, рече Мицотакис. „Сепак, сигурен сум дека нема да биде последна. Нашата цел е да ја поттикнеме и Европската Унија во оваа насока.“
Австралија стана првата земја во светот што ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години во декември 2025, блокирајќи го пристапот до платформи, вклучувајќи го ТикТок, Јутјуб и Инстаграм и Фејсбук на „Мета“. „Мета“, „Снапчет“ и „ТикТок“ изјавија дека продолжуваат да веруваат оти забраната на Австралија нема да ги заштити младите луѓе, но се посветени на нејзино почитување. Други земји, исто така, ги заоструваат правилата за социјалните медиуми, а Обединетото Кралство, Малезија, Франција, Данска и Полска или размислуваат за забрана или се во процес на донесување закон.
Пишувајќи одделно до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Мицотакис повика на координирана акција на Европската Унија, тврдејќи дека само национални мерки нема да бидат доволни за заштита на малолетниците од зависноста од интернет. Во писмото, тој предложи воспоставување „дигитална возраст на полнолетство“ на ниво на ЕУ на 15 години, со задолжителна проверка на возраста и редовна повторна проверка за сите платформи и воспоставување хармонизирана рамка за спроведување и казни, повикувајќи го блокот да воспостави унифициран систем до крајот на 2026 година.



