Од денес е забранета употребата на производите од пластика за една употреба во земјите-членки на Европската Унија (ЕУ), објави Дојче веле.
Со новиот закон за пакувања би требало да се намали количеството на пластичен отпад. Меѓудругото, со законот се опфатени прибор за јадење од пластика, чинии од пластика, сламки, чаши, вклучително и капачиња за чаши, чепкалки за уши и пластични држачи за балони. Освен тоа, забраната важи и за пакувања за храна за носење од стиропор, како и чаши од стиропор.
Трговците сега се обврзани да се префрлат на продажба на вакви производи од материјали кои може да се рециклираат, како стакло или метал. Сепак, она што трговците веќе го имаат набавено од пластичните производи за една употреба и е складирано во нивните магацини, може да се продава додека не се потроши.
Законот дозволува натамошна употреба на влажни марамчиња, влошки, тампони и производи од тутун со филтер, но тие во иднина треба на пакувањето или на самиот продукт да имаат и информации за содржината, како и да биде наведено какви последици за животната средина би имало неправилно постапување по нивната употреба.
Германската министерка за екологија Сенја Шулце ги поздрави новите правила во Германија и ЕУ и оцени дека „забраната наскоро ќе доведе до подобри, поиновативни ипоеколошки производи и решенија“.