ОСТАНУВАМЕ ВО БАХМУТ ЗАШТО АКО ПАДНЕ, РУСИТЕ ЌЕ ИМААТ ОТВОРЕН ПАТ КОН ДРУГИ ГРАДОВИ, ВЕЛИ ЗЕЛЕНСКИ

    ОСТАНУВАМЕ ВО БАХМУТ ЗАШТО АКО ПАДНЕ, РУСИТЕ ЌЕ ИМААТ ОТВОРЕН ПАТ КОН ДРУГИ ГРАДОВИ, ВЕЛИ ЗЕЛЕНСКИИ покрај секојдневните налети на непријателот, Украинците изградија цврста одбрана во Бахмут (Фото: АП)

    Руските трупи ќе имаат отворен пат кон клучните градови во источна Украина ако го освојат Бахмут, вели Володимир Зеленски, бранејќи ја одлуката за задржување на украинските сили во речиси опколениот град.

    „Сфаќаме дека по Бахмут тие би можеле да одат подалеку, кон Краматорск и Словјанск. По Бахмут, Русите би имале отворен пат кон други градови во Украина, во правецот на Доњецк. Затоа нашите момци остануваат таму“, вели Зеленски во интервјуто за Си-Ен-Ен.

    Повеќемесечната опсада на Бахмут ја предводат платениците на „Вагнер“, чиј шеф Евгени Пригожин денеска кажа дека го контролираат целиот источен дел од градот. И покрај секојдневните налети на непријателот, Украинците изградија цврста одбрана и го кочат рускиот напредок.

    „Мотивацијата да се задржи градот е многу различна од руските цели. На Русија ѝ треба каква било, макар и мала победа, дури и по цена на целосното уништување на Бахмут“, вели Зеленски.

    Иако самиот Бахмут има мало стратешко значење, неговата патна поврзаност со Краматорск и Словјанск значи дека овие два густо населени индустриски града би станале следна мета на рускиот освојувачки поход.

    „Имав состанок со највисоките воени заповедници и сите кажаа дека мора да останеме силни во Бахмут. Се разбира, мора да мислиме и на животите на нашите војници, но ќе сториме сè да обезбедиме доволно оружје и залихи за да тргнеме во противофанзива“, кажа Зеленски.

    Од некогашните 70.000, во градот се останати само 4.000 жители, од кои 38 деца, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук. Според разузнавачките информации на НАТО, Русија изгубила најмалку пет војници на секој загинат украински бранител.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира