СЕДУМ МИНИСТРИ ПРЕДЛАГААТ ВО ЕУ ДА СЕ ГЛАСА СО МНОЗИНСТВО НАМЕСТО КОНСЕНЗУС ЗА ПРАШАЊА ОД НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА И БЕЗБЕДНОСТ

    СЕДУМ МИНИСТРИ ПРЕДЛАГААТ ВО ЕУ ДА СЕ ГЛАСА СО МНОЗИНСТВО НАМЕСТО КОНСЕНЗУС ЗА ПРАШАЊА ОД НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА И БЕЗБЕДНОСТГерманската министерка Аналена Бербок го поддржа предлогот заедно со колегите од Белгија, Луксембург, Холандија, Романија, Словенија и Шпанија; - Од посетата на Скопје во март годинава: (Фото: Ѓ. Личовски)

    Седум министри за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, предлагаат за прашања од надворешна политика и безбедност во Унијата да се гласа со квалификувано мнозинство наместо со консензус. Во коментарот за порталот Политико, заеднички потпишан од министрите на Германија, Белгија, Луксембург, Холандија, Романија, Словенија и Шпанија, тие велат дека овој предлог не значи промена на Европскиот договор, туку треба да придонесе за зголемена ефикасност во одлучувањњто на европските институции особено во ситуации на криза, како што е реакцијата за руската агресија врз Украина.

    Затоа, тие предлагаат за прашања од надворешна политика и безбедност повеќе да се користи гласање со квалификувано мнозинство кое како инструмент е предвиден и во Европскиот договор.

    Исто така, министрите предлагаат и поголема употреба на „конструктивно воздржување“ од гласање, предвидено и во Европскиот договор.

    „Земјите-членки веќе почнаа да ја користат оваа едноставна, но многу ефикасна опција, која сè уште дозволува донесување на одлуката – имено, со тоа што нема да се спротивстават на неа, а со тоа и да не ги запрат другите 26 членки да продолжат напред… Видовме колку ефективна може да биде ‘конструктивната воздржанност’ минатиот октомври, кога Советот за надворешни работи гласаше за новата мисија на ЕУ за обука за украинската војска. Сакаме да го надградиме овој тренд што се појавува – и се обврзуваме систематски да ги испитаме нашите сопствени позиции со цел да се префрлиме од гласање против на конструктивно воздржување“, велат министрите Аналена Бербок, Надја Лахбиб, Жан Аселборн, Вопке Хоекстра, Богдан Ауреску, Тања Фајон и Хосе Мануел Албарес Буено во коментарот во Политико.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира