ОТКАКО ОБЕЗБЕДИ 150 ТЕНКОВИ, УКРАИНА ЌЕ ГО ПРИТИСНЕ ЗАПАДОТ ДА ДОБИЕ И БОРБЕНИ АВИОНИ

    ОТКАКО ОБЕЗБЕДИ 150 ТЕНКОВИ, УКРАИНА ЌЕ ГО ПРИТИСНЕ ЗАПАДОТ ДА ДОБИЕ И БОРБЕНИ АВИОНИВашингтон засега не е расположен да испрати авиони во Украина (Фото: Гети)

    Украина ќе направи притисок да добие западни борбени авиони од четвртата генерација, откако обезбеди одредено количество модерни тенкови, изјавија од украинското министерство за одбрана.

    Киев доби голем поттик оваа недела откако САД и Германија се согласија да испратат тенкови, што ќе го следат и други држави. Севкупно, се очекува Украина да добие околу 150 тенкови во следните месеци, иако таа смета дека ѝ требаат 300 за да ја преземе иницијативата на бојното поле.

    „Следната голема пречка ќе бидат борбени авиони. Ако ги добиеме, предноста на бојното поле ќе биде огромна. Она што ни треба е четвртата генерација авиони, како ‘Ф-16‘“, изјави советникот на министерството за одбрана Јури Сак.

    Украинските воздушни сили имаат флота на застарени советски авиони, произведени пред Украина да прогласи независност пред 31 година.

    Западната воена помош се покажа клучна за Украина, што пред да почне војната беше незамисливо.

    „Не сакаа да ни дадат артилерија, па ни дадоа. Не сакаа да ни дадат ХИМАРС системи, па ни дадоа. Не сакаа да ни дадат тенкови, па сега и нив ќе ни ги дадат“, потсети Сак.

    Заменик-советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Фајнер, изјави дека САД внимателно ќе дискутираат со Киев и сојузниците за идејата за испорака на борбени авиони.

    Се очекува и двете страни да лансираат офанзива напролет.

    „Каде би можел да се случи главниот руски напад? Засега, не знаеме. Диверзантски удари се можни во сите сектори“, вели украинскиот воен аналитичар Микола Сунхуровски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира