ОТКРИЕНО УШТЕ ЕДНО СКРИВАЛИШТЕ НА УАПСЕНИОТ ШЕФ НА КОЗА НОСТРА, ВНАТРЕ ИМАЛО И СКАПОЦЕНИ КАМЕЊА И НАКИТ

    ОТКРИЕНО УШТЕ ЕДНО СКРИВАЛИШТЕ НА УАПСЕНИОТ ШЕФ НА КОЗА НОСТРА, ВНАТРЕ ИМАЛО И СКАПОЦЕНИ КАМЕЊА И НАКИТДенаро беше уапсен во понеделникот во приватна клиника во Палермо, каде што бил на хемотерапија (Фото: АП)

    Италијанската полиција пронајде уште едно скривалиште на шефот на мафијашката организација Коза ностра, Матео Месина Денаро, кој беше уапсен во понеделникот по 30 години бегство. Тајната одаја се наоѓала зад шкаф со лизгачка основа, а внатре биле пронајдени и накит, скапоцени камења и сребрени предмети.

    Бункерот е во куќа оддалечена 300 метри од првото скривалиште на Денаро во сицилијанското гратче Кампобело ди Мацара. Тоа било пронајдено благодарение на клучевите од автомобил што Денаро ги носел со себе при апсењето. Полицијата упадна во оваа локација во понеделникот, при што откри подземен стан со големина од 60 квадрати, кој беше опишан како удобен. Внатре имало скапи парфеми, мебел и облека.

    Денаро беше уапсен во приватна клиника во Палермо, каде што бил на хемотерапија. Таму се пријавил под лажното име Андреа Бонафеде, што ѝ станало сомнително на полицијата бидејќи така се викал внукот на покојниот мафијашки бос Леонардо Бонафеде. Мапирањето на телефонот на вистинскиот Бонафеде покажало дека тој не бил во Палермо во 2020 и 2021 кога некој што го користел неговото име бил на операција во градот.

    Денаро не давал отпор при апсењето, по кое беше префрлен во затвор во Л‘Аквила во централниот регион Абруцо, каде што треба да продолжи со лекувањето.

    Како шеф на Коза ностра, Денаро надгледувал рекетирање, илегални депонии, перење пари и шверц на дрога. Иако беше во бегство од 1993, се верува дека тој продолжил да издава наредби од разни тајни локации и да живее луксузен живот благодарение на неколкумина банкари. Во 2002 беше осуден на доживотен затвор во отсуство за низа убиства од 1990-ите.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира