Пакистан потврди дека досега не добил формален одговор дали Иран ќе учествува во втората рунда мировни разговори со САД во Исламабад. Министерот за информации Атаулах Тарар изјави дека се во постојан контакт со Иранците, додавајќи дека одлуката на Иран да присуствува на разговорите пред крајот на двонеделното примирје е клучна.
„Пакистан вложи искрени напори да го убеди иранското раководство да учествува во втората рунда разговори и овие напори продолжуваат. Топката е во дворот на Иран“, рече Тарир.
Доналд Трамп порача дека не сака да го продолжи прекинот на огнот, што, според посредникот Пакистан, треба да истекне ноќва во еден час по средноевропско време. Тој се закани дека САД ќе продолжат со бомбардирања ако нема напредок во преговорите.
Портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Есмаил Багеи кажа дека сè уште не е донесена одлука дали иранска делегација ќе патува во Исламабад на нова рунда разговори со САД оваа недела. Тој изрази загриженост во врска со американската поморска блокада на иранските пристаништа и запленувањето на ирански брод, како и заканите на Трамп за уништување на инфраструктурата на Иран.
„Отидовме на овие преговори со добра волја и чувство на сериозност, но другата преговарачка страна покажа недостаток на сериозност и добра волја. Тие многу често ја менуваат својата позиција“, рече Багеи.
Иако беше најавено дека денеска ќе патува за Пакистан, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и натаму е во Вашингтон.



