Папата Фрањо донираше 500.000 долари за помош на мигрантите во Мексико, соопшти Ватикан. Парите ќе бидат искористени за сместување, храна и други потреби на мигрантите од Централна Америка.
„Мажи и жени, често со мали деца, бегаат од сиромаштија и насилство, со надеж за подобра иднина во САД. Сепак, американската граница останува затворена за нив“, се вели во соопштението на Ватикан.
Околу 75.000 мигранти од Хондурас, Салвадор и Гватемала, кои патуваа во каравани, се заглавени во Мексико и не можат да влезат во САД и немаат каде да престојуваат.
Папата Фрањо претходно го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп за неговата намера да изгради ѕид на границата со Мексико за да спречи влез на мигранти.
„Градителите на ѕидови, без разлика дали се направени од бодликава жица или од тули, ќе станат затвореници во ѕидовите што ги градат“, кажа папата во март.