Опозицијата од левиот центар го победи владејачкиот десничарски блок со минимална разлика на парламентарните избори во Шведска, објави јавниот сервис „СВТ“ по пребројувањето на 99% од гласовите.
Разликата помеѓу двата блока изнесуваше нешто повеќе од 26.000 гласови и партиите предводени од Магдалена Андерсон од Социјалдемократите ќе имаат 176 места во парламентот.
„Веројатноста за пресврт во оваа фаза е толку мала што можеме со сигурност да кажеме дека опозицијата ќе освои најмногу пратенички места на овие избори“, соопшти „СВТ“.
Податоците од шведската изборна комисија покажаа дека десницата на чело со премиерот Улф Кристерсон ќе има 173 пратенички места. Кристерсон во владата беше поддржан и од крајнодесничарската партија со неонацистички корени Шведски демократи, при што ѝ вети министерски места доколку остане на власт.
Победата на опозицијата би го запрела свртувањето кон десницата, што во изминатите четири години ја трансформираше Шведска од една од европските земји кои најдобро ги прифаќаат имигрантите во држава со еден од најстрогите режими за азил.



