Патнички авион излета од пистата на аеродром во Истанбул, по што се преполови, објавија официјални лица. Авионот со 171 патник и шест членови на екипажот доживеа несреќа на аеродромот „Сабиха Гокчен“, но нема загинати.
„Никој не загинал во инцидентот, најмалку 52 се повредени“, изјави министерот за транспорт Мемет Чаит Туран.
Авионот „боинг 737“ на компанијата „Пегазус“, кој летал од провинцијата Измир, слетувал во услови на пороен дожд, објавија локални медиуми. Во внатрешноста на авионот избувнал пожар, кој бил изгаснат од пожарникари.
„Според информациите што ги имаме, слетувањето било многу грубо. Авионот не можел да забави, по што завршил во полето на крајот на пистата“, изјавија од Министерството.
Пред неполн месец, друг авион на „Пегазус“ излета од пистата на истиот аеродром, кога исто така немаше загинати.