Властите во Микронезија трагаат по маж кој исчезна откако авион „боинг 737“ ја промаши пистата и слета во морето, соопшти „Ер Ниугини“, авиокомпанијата од Папуа Нова Гвинеја, која оперираше со летот.
Патникот бил виден на еден од гумените чамци со кои беа пренесувани патниците и екипажот од авионот до брегот, но потоа исчезнал и локалните власти и авиокомпанијата почнаа потрага по него.
„Нуркачите потврдија дека сите патници се безбедно евакуирани од авионот“, се вели во соопштението на авиокомпанијата, која не го откри идентитетот на исчезнатиот патник.
Авионот на „Ер Ниугини“, во кој имаше 35 патници и 12 членови на екипажот, слета во морето близу меѓународниот аеродром во Вено, главниот остров на државата Чук во Микронезија.