ПЕРСОНАЛИЗИРАНА ВАКЦИНА ПРОТИВ РАК НА КОЖАТА ГО НАМАЛУВА РИЗИКОТ ОД ВРАЌАЊЕ НА БОЛЕСТА, ПОКАЖА ГОЛЕМО КЛИНИЧКО ИСПИТУВАЊЕ

    ПЕРСОНАЛИЗИРАНА ВАКЦИНА ПРОТИВ РАК НА КОЖАТА ГО НАМАЛУВА РИЗИКОТ ОД ВРАЌАЊЕ НА БОЛЕСТА, ПОКАЖА ГОЛЕМО КЛИНИЧКО ИСПИТУВАЊЕМеѓу учесниците во истражувањето е и 75-годишниот Тони Чепмен, кому во 2019 година му бил дијагностициран меланом на градите. (Фото: Болница Аденбрук)

    Нова персонализирана вакцина против рак, дадена заедно со широко употребуван лек за имунотерапија, го намали ризикот од смрт или враќање на ракот на кожата за 42 отсто во големо клиничко испитување. Истражувачите вклучени во студијата велат дека овие резултати би можеле да претставуваат пресвртница во лекувањето и да ја приближат персонализираната медицина.

    Испитувањето покажа и дека новата комбинација на лекови го намалува ризикот од ширење на меланомот за 38 отсто во текот на две години во споредба со примена исклучиво на имунотерапија. Фармацевтските компании МСД и Модерна соопштија дека истиот пристап веќе се тестира и кај други видови тумори, вклучувајќи рак на бубрезите, мочниот меур и белите дробови.

    Новиот третман е наменет за пациенти кај кои туморот веќе е хируршки отстранет. Во истражувањето учествувале 1.137 возрасни лица кои примиле Китруда, утврден лек за имунотерапија што му помага на имунолошкиот систем да ги препознае и нападне канцерогените клетки. Околу две третини од нив дополнително ја примиле експерименталната вакцина, додека останатите добиле плацебо. Вакцината Интисмеран користи иРНК технологија, слична на онаа кај одредени вакцини против ковид. Таа се изработува поединечно за секој пациент врз основа на генетски податоци од неговиот тумор, со цел да го обучи имунолошкиот систем да ги уништи канцерогените клетки доколку повторно се појават.

    Две години по почетокот на терапијата, пациентите кои ја примиле вакцината имале значително помала веројатност за враќање на меланомот или негово метастазирање низ телото. Професорката Пипа Кори од болницата Аденбрук во Кембриџ, која учествуваше во водењето на дел од студијата, вели дека персонализацијата претставува значаен исчекор и извонредна технологија. Таа додава дека ова испитување е прв доказ за концептот, но допрва треба да се покаже колкава вредност носи во практиката.

    Меѓу учесниците во истражувањето е и 75-годишниот Тони Чепмен, кому во 2019 година му бил дијагностициран меланом на градите. Откако туморот бил отстранет, болеста му се вратила под пазувите, по што морал повторно да се оперира и одлучил доброволно да се пријави за студијата. Како и останатите учесници, тој не знае дали примил експериментална вакцина или плацебо, но три години подоцна редовно оди на контроли на секои шест месеци и кај него нема знаци на болеста.

    Двете компании соопштија дека веќе разговараат со регулаторните власти, што укажува на можност да побараат официјално одобрение за лекот уште следната година. Сепак, широката употреба во британското јавно здравство (НХС) ќе зависи од трошоците, бидејќи за секој пациент е потребна индивидуална генетска анализа на туморот и засебно производство на вакцина. Клиничкото испитување продолжува за да се следи состојбата на пациентите на подолг рок и да се утврди дали лекот им помага да живеат подолго.

    Независни експерти ги оценија резултатите како исклучително позитивни, но повикуваат на претпазливост пред да се добијат долгорочни податоци за преживувањето. Професорот Алан Мелчер од Институтот за истражување на ракот во Лондон вели дека студијата носи важен доказ за концептот, но додава дека од резултатите за меланом не смее однапред да се претпостави дека методот ќе биде подеднакво успешен за сите видови рак.
    Акциите на МСД и Модерна забележаа раст во текот на летото по првичните најави за успехот на вакцината, но инвеститорите почнаа да ги продаваат акциите во четвртокот откако финансиските аналитичари оценија дека резултатите сепак не се толку силни во споредба со претходното, помало испитување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира