Во 44. состав на Народното собрание на Бугарија ќе влезат пратениците на 5 политички партии, покажуваат првичните неофицијални резултати на Централната изборна комисија на Бuгарија (ЦИК) по предвремените парламентарни избори што во земјата се одржаа вчера.
Според досега обработените гласачки ливчиња, предноста на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) во однос на Бугарската социјалистичка партија (БСП) изнесува 5,5 отсто. Првичните анализи велат дека ГЕРБ во парламентот ќе има 96 пратеници, а БСП 79. Партијата Обединети патриоти ќе имаат 27 пратеници, ДПС 26, Волја 12. Промени во распоредот на пратенички места се можни само кај Обединети патриоти и ДПС. Разликата меѓу овие две партии, на обработени 98,5 отсто од материјалите, изнесува 770 гласа.
Според првичните резултати, ГЕРБ на вчерашните избори има освоено 32,64 отсто од гласовите, за БСП гласале 27,12 отсто од граѓаните на Бугарија, односно 1.112.754 граѓани гласале за партијата на Борисов, а 924.143 за социјалистите.
Процентот на гласови што ги доби ГЕРБ на вчерашните избори е многу блиску, односно речиси идентичен, со оној од парламентарните избори одржани во октомври 2014 година, кога оваа партија освои 32,67 отсто од гласовите. Од друга страна, БСП на изборите во 2014 година освои двојно помалку гласови, односно 15,4 отсто.