Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска почна со кампања „Една плата за Украина“ и побара од Бугарите да донираат средства додека да се договорот коалициските партнери во владата околу испраќањето воена помош за Украина.
Бугарската влада е една од ретките во ЕУ што досега не испратила воена помош за Украина да се одбрани од руската агресија, а Бугарската социјалистичка партија се закани дека ќе ја урне владата ако тоа се случи. Петков најави дека неделава со претставници на коалициските партнери ќе отпатува во Киев на лице место да се уверат каква помош ѝ е потребна на Украина.
„Да ги разбереме вистинските потреби на Украина и информирано како коалиција да се обединиме околу тие потреби зад кои што сите можеме да застанеме. Додека да го постигнеме тој политички консензус, како граѓани на Бугарија кои веруваат дека никој во Европа нема право да нападне сосед и да го убива мирното население, можеме слободно да избереме да ѝ помогнеме финансиски на Украина за купување на муниција. Затоа, почнувам јавна кампања за собирање финансиски ресурси кои што ќе бидат доставени на украинската влада. Го повикувам секој бугарски државјанин кој навистина сака да ѝ помогне на Украина, како мене да донира една плата. Зборовите се лесни, делата се тешки“, напиша Петков во повикот за донации на „Фејсбук“.