Салман Ружди, писателот чии книги доведоа до смртни закани од Иран во 1980-тите, денеска беше нападнат кога требаше да одржи предавање во библиотека во западен Њујорк. Новинар на Асошиетед прес видел дека маж упаднал на сцената во институцијата Чаутаука и почнал да го удира или прободува Ружди додека го претставуваа. Писателот бил соборен или паднал на подот, а мажот бил совладан. Состојбата на Ружди не беше веднаш позната.
Книгата на Ружди „Сатански стихови“ е забранета во Иран од 1988 година, бидејќи многу муслимани ја сметаат за богохулна. Една година подоцна, починатиот ирански водач, ајатолахот Рухолах Хомеини, издаде фатва, или указ, повикувајќи на смрт на Ружди. Понудена бше и награда од над 3 милиони долари за оној што ќе го убие Ружди.
Иранската влада одамна се дистанцира од декретот на Хомеини, но чувствата против Ружди останаа. Во 2012, полуофицијална иранска верска фондација ја зголеми наградата за Ружди од 2,8 милиони на 3,3 милиони долари.
Ружди ја отфрли таа закана во тоа време, велејќи дека „нема докази“ оти луѓето се заинтересирани за наградата. Таа година, Ружди објави мемоари, „Џозеф Антон“, за фатвата.