Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет имал намера да цитира свето писмо додека зборувал за спасувачката мисија на американски борбен пилот заглавен во Иран — но всушност го цитирал Квентин Тарантино. Во молитвата што вчера Хегсет ја одржал за време на богослужба во Пентагон, тој прочитал лажен библиски стих од филмот „Евтини приказни“ (Pulp Fiction) на Тарантино. Тоа била измислената верзија на Езекиел 25:17, која во филмот ја изговара ликот на Самјуел Л. Џексон непосредно пред да застрела човек.
Хегсет им кажал на присутните дека молитвата била рецитирана од „Сенди 1“, борбената мисија за пребарување и спасување (ЦСАР) во Иран.
„Тие го нарекуваат ЦСАР 25:17, што мислам дека треба да се однесува на Езекиел 25:17,“ рекол Хегсет.
Повикувајќи ги сите да се помолат со него, Хегсет потоа го прочитал следново:
„Патот на соборениот пилот е опколен од сите страни од неправдите на себичните и тиранијата на злите луѓе. Блажен е оној кој, во името на другарството и должноста, ги води изгубените низ долината на темнината, зашто тој навистина е чувар на својот брат и пронаоѓач на изгубените деца. И ќе се спуштам врз тебе со голема одмазда и жесток гнев против оние што се обидуваат да го заробат и уништат мојот брат, и ќе знаете дека мојот повикувачки знак е Сенди 1 кога ќе ја спуштам мојата одмазда врз вас. Амин.“
Она што го прочитал Хегсет е речиси збор до збор репликата што ја изговара Џулс Винфилд, ликот на Џексон во „Евтини приказни“:
„Патот на праведниот човек е опколен од сите страни од неправдите на себичните и тиранијата на злите луѓе. Блажен е оној кој, во името на милосрдието и добрата волја, ги води слабите низ долината на темнината, зашто тој навистина е чувар на својот брат и пронаоѓач на изгубените деца. И ќе се спуштам врз тебе со голема одмазда и жесток гнев против оние што се обидуваат да ги отрујат и уништат моите браќа. И ќе знаете дека моето име е Господ, кога ќе ја спуштам мојата одмазда врз вас.“
Грешката на Хегсет првично била забележана од блогот за религија и политика „Паблик витнес“ (A Public Witness).
За „Евтини приказни“, Тарантино, всушност, го презел овој лажен стих од јапонскиот боречки филм „Бодигард Киба“ од 1973 година (вклучително и погрешното припишување на Езекиел), заменувајќи го „Господ“ со „Киба Бодигардот“.
Вистинскиот стих Езекиел 25:17 во Библијата (верзијата на кралот Џејмс), кој е изјава за божествена одмазда против Филистинците, гласи:
„И ќе извршам голема одмазда врз нив со жестоки укори; и ќе знаат дека Јас сум Господ, кога ќе ја спуштам мојата одмазда врз нив.“



