Во присуство на претседателката Катерина Сакеларопуло и премиерот Кирјакос Мицотакис, денеска и официјално беше отворена подземната железница во Солун, која се градеше 22 години.
Патниците ќе можат да се возат бесплатно до 3 декември, а од следниот ден билет ќе чини 60 центи, додека за месечен билет ќе се плаќа 16 евра. Метрото е целосно автоматизирано и нема да има возачи, со што е прво од таков тип во Грција. Се очекува да опслужува 250.000 патници дневно и да го намали сообраќајниот метеж за 60.000 возила.
Главната линија, долга 9,6 километри, се протега од новата железничка станица до Неа Елветија и вклучува два тунела и 13 станици. Патувањето ќе трае 17 минути. Продолжението до Каламарија треба да биде отворено кон крајот на следната година, а има планови мрежата да се прошири и на западните и северните области на Солун. До 2040 година, метрото треба да оди и до меѓународниот аеродром.
„Од археолошка гледна точка, ова беше сложен и тежок потфат. За време на изградбата се пронајдени 300.000 артефакти“, кажа министерката за култура Лина Мендони.
Голем дел од ова богатство е изложено на станиците, па метрото ветува модерно возење низ повеќеслојната историја на градот, низ кој за 2.300 години поминале и Римјаните и Византијците и Отоманците. Во рамките на отворањето на метрото, на централната станица Венизелу денеска за првпат беше откриен и цел археолошки локалитет.
Откопувањето на толку многу артефакти ги принуди инженерите и археолозите тесно да соработуваат. Тунелите требаше да се копаат на длабочина од најмалку 20 метри за да се зачуваат наодите што се поблиску до површината, а архитектите беа принудени да ги редизајнираат станиците бидејќи се откриваа богатства. Доцнењата и дополнителните финансиски барања придонесоа изградбата на метрото да чини најмалку три милијарди евра.