ПО 4-МЕСЕЧЕН КАРАНТИН БРИТАНИЈА ГИ ОТВОРА САМО ЛЕТНИТЕ ТЕРАСИ НА ПАБОВИТЕ, ФРИЗЕРНИЦИТЕ И ПРОДАВНИЦИТЕ

    ПО 4-МЕСЕЧЕН КАРАНТИН БРИТАНИЈА ГИ ОТВОРА САМО ЛЕТНИТЕ ТЕРАСИ НА ПАБОВИТЕ, ФРИЗЕРНИЦИТЕ И ПРОДАВНИЦИТЕДенеска се отвораат несуштински продавници, како и фризерски салони, фитнес сали и надворешни тераси на пабови и ресторани. (Фото: АП)

    Милиони граѓани на Велика Британија од денес, после 4 месеци повторно ќе имаат можност да одат на фризер, шопинг или пак да ручаат во ресторан, откако Владата одлучи да ги олабави рестрикциите против ширењето на ковид-19. Ограничувањата во Англија беа воведени на почетокот на јануари, а слични правила имаше и во другите делови од Британија, со цел да се сопре забрзаното ширење на британскиот сој на ковид-19, кој се покажа како позаразен.

    Британија има над 127 илјади регистрирани смртни случаи. Но, бројот на новозаболени, на хоспитализирани и на смртни случаи се намали, благодарение на карантинот и масовната имунизација, откако над 60 отсто од возрасното население ја прими барем едната доза од вакцината против ковид-19.

    Сепак, премиерот Борис Џонсон и епидемиолозите сѐ уште апелираат за внимателност, со оглед на тоа дека има голем број на невакцинирано население.

    „Ситуацијата во Велика Британија се смири и е стабилизирана, но луѓето треба да запомнат дека тоа не е случај насекаде. Пандемијата сѐ уште беснее на глобално ниво. Голем број земји во Европа сѐ уште бележат високи бројки на новозаразени или мора одново да воведуваат карантини. Така што, многу е тешко да се предвиди што ќе се случи во наредните месеци“, рече Питер Хорби, советник во Владата.

    Денеска се отвораат несуштински продавници, како и фризерски салони, фитнес сали и надворешни тераси на пабови и ресторани. Внатрешните делови на угостителските објекти ќе останат затворени најрано до 17 мај, а сѐ уште не се отвораат ниту театрите, киносалите и ноќните клубови. Патувањата во странство и понатаму остануваат забранети.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира