ПО ПЕТ ДЕНА ПРЕГОВОРИ, ЕВРОПСКАТА УНИЈА ДОГОВОРИ ПАКЕТ ЗА ЗАЗДРАВУВАЊЕ ОД КОРОНАВИРУСОТ ОД 750 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

    ПО ПЕТ ДЕНА ПРЕГОВОРИ, ЕВРОПСКАТА УНИЈА ДОГОВОРИ ПАКЕТ ЗА ЗАЗДРАВУВАЊЕ ОД КОРОНАВИРУСОТ ОД 750 МИЛИЈАРДИ ЕВРАПретседателите на Европската комисија и Европскиот совет, Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел, го слават договорот по 90 часови директни преговори (Фото: АП)

    По пет дена дебатирање, лидерите на Европската Унија утрово постигнаа договор за огромниот фонд за економско заздравување од кризата со коронавирусот, тежок 750 милијарди евра.

    Самитот во Брисел почна во петокот и првично требаше да трае само два дена, но поради спротивставувањето на неколку земји, се претвори во најдолг во последните 20 години, при што директно се преговараше повеќе од 90 часови. Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел утрово во 5:15 часот твитна дека 27-те лидери имаат договор, опишувајќи го како клучен момент за Европа.

    Според него, најтешко погодените членки на Унијата ќе поделат 390 милијарди евра во вид на грантови и се очекува најголем дел да добијат Шпанија и Италија, а останатите 360 милијарди ќе бидат заеми со ниска камата.

    Преговарањето го кочеа четирите самопрогласени штедливи држави Холандија, Шведска, Данска и Австрија, кои, заедно со Финска, сметаа дека фондот е преголем и се спротивставуваа на идејата 500 милијарди евра да бидат поделени како грантови. Францускиот претседател Макрон во еден момент ги обвини дека го загрозуваат европскиот проект, па на крајот, беше постигнат компромис од 390 милијарди.

    На самитот беше договорен и седумгодишниот буџет на ЕУ од 1.074 милијарди евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира