ПО ТРИ И ПОЛ ГОДИНИ ДОЈДЕ БРЕГЗИТ – ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ВЕЌЕ НЕ Е ЧЛЕНКА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

    ПО ТРИ И ПОЛ ГОДИНИ ДОЈДЕ БРЕГЗИТ – ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ВЕЌЕ НЕ Е ЧЛЕНКА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈАЗа Велика Британија сега почнува период на транзиција и таа до крајот на годината ќе остане дел од заедничкиот европски пазар (Фото: АП)

    Борис Џонсон го прогласи брегзит за оживување на британската моќ за независна мисла и дејствување додека земјата точно на полноќ излезе од Европската Унија, но беше предупреден од европските лидери дека „силата не лежи во раскошна изолација“.

    Велика Британија го заврши своето 47-годишно членство во ЕУ три и пол години по успешниот референдум за брегзит и Џонсон преку видеопорака ѝ порача на нацијата дека тој ќе значи вистинска национална обнова и промена.

    „Тој ќе донесе надеж и можности во сите делови на Велика Британија. Ова е почеток на нова ера. Велика Британија повторно ќе ги открие мускулите што не ги користела со децении“, кажа Џонсон.

    Во 22 часот, знамето на Велика Британија беше тргнато од пред седиштето на Унијата во Брисел, а претходно, тоа беше направено и во зградите на европските институции.

    По полноќ, за Велика Британија почнува период на транзиција и таа до крајот на годината ќе остане дел од заедничкиот европски пазар и од царинската унија. И повеќето европски закони ќе останат на сила, по што Британија ќе склучи траен договор за слободна трговија со ЕУ.

    Брегзит требаше да се спроведе уште на 29 март минатата година, но британските пратеници неколку пати го отфрлија договорот за повлекување што бившата премиерка Тереза Меј го постигна со Брисел. Џонсон успеа да добие поддршка за него дури откако освои мнозинство на вонредните парламентарни избори во декември.

    Францускиот претседател Емануел Макрон го нарече брегзит „историски сигнал за тревога, што треба да ја принуди Унијата да се подобри“.

    „Од утре, за Унијата со 27 членови почнува ново поглавје. Сепак, силата не лежи во раскошна изолација, туку во нашето едноставно единство“, изјави вчера претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира