Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ го поддржа барањето на Украина за членство во Европска Унија, откако во прв момент не го потпиша отвореното писмо со кое неколку земји-членки повикаа веднаш да ѝ се одобри кандидатски статус.
Милановиќ смета дека на Украина треба да ѝ се даде статус на кандидат, но истовремено побара забрзано приближување кон ЕУ и за државите од Западен Балкан, првенствено за Македонија и Албанија, кои како што истакна, Брисел ги малтретира веќе со години.
„Сметам дека Украина треба да го добие овој статус што е можно побрзо. Украина е изложена на агресија од Руската Федерација и сите ние мора да ѝ ја дадеме сета можна помош. Хрватска не заборава дека Украина беше првата држава која ја призна нашата независност“, изјави Милановиќ.
Тој додаде дека мора да се стори сè за да се спречи ширењето на кризата и на Западен Балкан.
„Стратешки и национален интерес на Хрватска е земјите од југоисточна Европа кои изразија намера за членство во ЕУ што побрзо да станат членки. Затоа побарав кандидатски статус и за БиХ и Косово и веднаш, по низа ветувања, да се почнат пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија“, кажа Милановиќ.
Володимир Зеленски во понеделникот потпиша официјално барање за прием на Украина во ЕУ, при што Естонија, Литванија, Летонија, Полска, Чешка, Словачка, Бугарија и Словенија побараа веднаш да ѝ се одобри кандидатски статус.